Во организација на проектот КУЛТ и грчкиот проектен партнер „Перотис Колеџ“ од Солун, на 18 Ноември 2016 година се одржа „Конференција за култивирање на МАР“ во просториите на колеџот.
На конференцијата учество земаа преставниците на производните организации, производителите, преработувачите и институциите, сите учесници во ланецот на култивирање, преработка и промет со проеизводи од Медицински и Ароматични Растенија (МАР) од Грција, Македонија и Бугарија.
Конференцијата ја отвори преставникот на проектот КУЛТ со преглед на реализираните активности во проектот, постигнатите резултати и планираните активности за наредната 2017 година.
Преставниците на партнерите во проектот, „Перотис Колеџ“ од Солун, „Биоселена“ од Карлово и „Македонски шуми“ од Скопје ѓи прикажаа актуелните состојби во МАР секторот во нивните земји, како и детални анализи на проблемите и потребите за унапредување на областа на работењето. Посебно беше истакната потребата за перманентно образование на учесниците на МАР преку обуки, тренинг програми и стручни семинари, истражување и настап на пазарите.
Вториот дел од Конференцијата беше посветен на производителите и нивните искуства во работењето, проблемите со откупот, пласманот на производите, маркетингот и профитабилноста. Беа слушнати позитивните примери на фирми – извозници, нивните искуства во позиционирање на домашните и регионалните пазари, но и проблемите со кои се соочуваат секојдневно. Беше истакнато и значењето на регионалните промотивни настани организирани од Локалните самоуправи (Општини) каде учесниците се поврзуваат меѓусебе и низ заеднички проекти го унапредуваат своето работење.
Сите презентери и учесници ја истакнаа потребата во поврзувањето и размената на искуства помеѓу учесниците во ланецот на МАР, и со свои конкретни предлози до проектот КУЛТ ја покажаа својата спремност за идна соработка во една заедничка регионална мрежа. Предлогот за градење „Регионална платформа на МАР“ секторот со помош на Проектот КУЛТ беше прифатена од сите учесници.